Заев - Гаши: Има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада, не се потребни предвремени избори

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши денеска во Клубот на пратениците ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Заев и Гаши нагласија дека земјата излегува од политичката криза, има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада, што значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија.

Заедничка констатација која ја зајакнува новата коалиција, информира Заев, е дека на С Македонија и на граѓаните не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори.

- Вонредни избори единствено би ја втуранале земјата во нова политичка, економска и општествена неизвесност, но и ризик одново да се закочат европските интеграции. Доста беа кризи и неизвесности. На нашата татковина и треба мирен и стабилен период, рече Заев.

Затоа, наведе тој, постигнавме договор со Алтернатива за Влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година со амбиции и да продолжи.

- Нема стабилност со вонредни избори. Затоа вонредни избори нема да има за да има стабилност, дециден беше премиерот.

Постигнатиот договор, потенцира Заев, е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија, справување со КОВИД -19 пандемијата и глобалната енергетска криза.