Заем од Унгарија: Половина од 500-те милиони евра кои земјава ги договори со Унгарија, ќе бидат за општините, а половина за бизнисот

250 милиони евра за општините и уште толку за бизнисот. Премиерот Христијан Мицкоски откри за што ќе биде наменет кредитот од Унгарија, кој наместо најавените една милијарда евра, ќе изнесува половина од тоа.

Мицкоски се дообјаснува дека оваа, како што ја нарече, специјална економска соработка со Унгарија, е всушност неограничена рамка, пари кои ќе се земаат кога ќе бидат потребни. Кога во јануари идната година ќе доспее за враќање еврообврзницата, ќе се земат уште 500 милиони, рече Мицкоски, кој додаде дека ако сега се земат тие пари, залудно ќе се плаќаат каматите.

Бизнисот има лоши пазарни услови и му требаат евтини пари, оти кредитите кои во моментов му се нудат се со високи камати, па затоа 250 милиони евра ќе се понудат на компаниите, на кои навистина им требаат. Мицкоски вели дека условите за земање инвестициски кредит се прекомлицирани, но за овие пари ќе биде поинаку.

Но, за да ги земат, ќе мораат да испорачаат најмалку нови 5 илјади работни места и раст на производството од пет отсто над стапката на инфлација. Парите ќе бидат исклучиво за инвестиции, за кои фирмите треба да обезбедат свои пари, толку колку што бараат од државата.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска пред две недели во Анализа на ТВ 24 рече дека, покрај заемот од Унгарија, Владата размислува за ново надворешно задолжување преку издавање на еврообврзница. Почнувајќи од јануари, па во следните три години, земјава теба да врати 2,87 милијарди евра или половина годишен буџет, за да го отплати долгот од претходно издадените четири еврообврзници. Од овие пари, речиси половина милијарда се камати. Мицкоски најави дека заемот од Унгарија е со пониска камата од повеќето еврообврзници.