Зад скопското потемкиново село се крие хуманитарна мизерија - како живеат 100 тина луѓе во „Ранка Милановиќ“
Сјајот и бедата на урбаниот скопски живот на само неколку километри од центарот на главниот град наспроти бронзата и мермерите, се случува вистинска хуманитарна мизерија.
Ова е сликата што не затекна во некогашниот дом „Ранка Милановиќ“ во Скопје. Деца боси со парталава облека разиграни во отпадот, искршени прозорци, стаорци низ дворот, ужасна реа, во овие услови живеат околу стотина бездомници во напуштената установа.
Некогаш во оваа установа беа сместени деца и младинци со нарушено поведение. Денеска во некогашниот дом „Ранка Милановиќ“ се сместени околу 30 семејства. Депонија, никакви услови, непријатна миризба-некогашната установа Ранка Милановиќ, заборавена во времето.
Пред да се влезе во просториите каде што спијат мора да се стави маска, барем така не предупредија, поради неподносливата миризба во собите. Се жалат дека со комбиња им носат храна која е полна со црви, а зимава струјата неколкупати им пукнала што претставува опасност за нивните деца.
Бараат од државата да им се овозможат услови за достоинствен живот или да бидат преместени на друга локација.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека се прави проценка на терен и се преиспитува состојбата на времено сместените лица, но и се работи на обезбедување социјална заштита за нив.
„На лицата кои се уште се наоѓаат во положба од социјален ризик ќе им се дава и понатаму поддршка во изнаоѓање на соодветна форма на згрижување, помош и поддршка при вадење на лична документација, интегрирање на децата во процесот на редовно образование, обезбедување здравствена заштита. Лицата кои согласно закон не спаѓаат во категоријата на семејства во социјален ризик, согласно личната документација која ја поседуваат ќе бидат упатени во соодветната локална заедница, која согласно закон има надлежност да го решава домувањето.“ - велат од Министерство за труд и социјална политика.
Директорот на меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје, Лиридон Бафтији, за ТВ 24 потврди дека има над 100 лица кои престојуват во некогашниот дом за малолетни деликвенти. Свесен за условите во кои живеат, рече дека ќе биде отпочнат процес за да бидат преместени. Луѓето овде се од сите возрасни групи, но според Бафтији сите престојуваат бесправно таму, бидејќи дозволата за престој им е истечена.
Но поради коронакризата, но и да не ја минуваат зимата на улица, им дозволиле да останат уште некое време додека надлежните се сетат да создадат услови за бездомните семејства нивниот живот ќе биде огледало на состојбата во државата, бронзата и мермерот ќе останат како потемкиново село на оваа слика во која денеска ѕирнавме.