Зад корекција на плочки најдени алуминиумски ролни со пари
Судијата од скопска Апелација Ѓоко Ристов ќе одговара за противправно стекнување и прикривање имот, откако завчера полицијата и истражителите на ОЈО ГОКК му најдоа 350.000 евра скриени во дупка од ѕид во домот на неговите родители.
„Притоа, на 18.01.2026, врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во координација со предметен јавен обвинител извршен е претрес во домот на неговите родители лоциран во Неготино, каде на првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра“, пишува во соопштението од МВР.

