Забраната за спортски натпревари заврши, ќе се игра без публика
Foto

Забраната за спортски натпревари заврши, ќе се игра без публика

Спортските натпревари ќе може да се одржуваат, но без публика. Владата на денешната седница одлучи да се прекине забраната за одржување на натпреварите поради опасноста од коронавирусот.

Освен тоа донесени се и протоколи за работа на музеи, галерии, како и протоколот за вршење на меѓуградски превоз, а дадени се и препораки и упатства за спречување на ширење на КОВИД-19, при влез на македонски и странски државјани во земјава.

„Прифатена е препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите.“

Заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија од Владата информираа дека донесена е одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на земјава. Кризната состојба ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 2 јули, а со тоа се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.

„Со оваа одлука Владата го задолжи Главниот штаб при Центарот за управување со кризи да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Република Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а органите на државната управа да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи.“

Од владата информираат и дека за три пати ќе се зголеми опфатот на граѓани за вакцинирање од сезонски грип. Бројот на лица што ќе бидат опфатени со оваа бесплатна четиритипна вакцина против сезонски грип од 20.000, се зголемува на 60 илјади граѓани за граѓаните од ризични групи како што се возрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

0 Коментари

Остави коментари