Заболени и вакцинирани, колку од примените во болница имаат две дози на вакцини
Од 3.497 - 450 граѓани позитивни на коронавирусот во изминатите 7 дена се вакцинирани со две дози на вакцина. Според здравствените власти, ниту еден од вакцинираните нема меѓу починатите од КОВИД-19.
Од вкупниот број на дијагностицирани во изминатата недела - невакцинирани се 87,1 отсто.
„Голем процент, дури 87,1% или 3047 граѓани од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани. Во период од една седмица на територија на државата починале 25 лица со Ковид 19, ниту еден од нив не бил вакциниран“ - велат од Министерството за здравство.
Бројките во ковид статистиката во земјава од ден во ден се се поголеми - а полека се исполнуваат и болничките капацитети. Скопје, Тетово и Гостивар – изминативе денови се на врвот на листата со ковид позитивни, но и хоспитализирани пациенти.
Според здравствените работници загрижува фактот што на голем број пацинети им е потребна хоспитализација. Од тетовската болница велат ова се должи на непочитување на мерките, но и прославите во затворено. Голем дел од хоспитализираните се пациенти до 50 годишна возраст.
На Инфективната клиника во главниот град засега има слободни болнички кревети. Хоспитализирани се 85 пациенти, а дел од нив се до делта сојот.
„Во принцип пациентите се со средно тешка и тешка клиничка слика. Возраста на пациентите се од прилика на средна возраст. Најголем дел од пациентите имаат потреба од кислородна поддршка, а 7 пациенти имаат потреба од неинвазивна вентилација. Имаме пациенти со делта вирусот и веројатно веќе се повеќе ќе биде доминантен тој сој. Остава впечаток дека клиничките слики се потешки“ - вели Милена Стевановиќ – директорка на Инфективна клиника.
Состојбата со ковид се влошува и во Кичево. Целосно исполнет капацитетот на модуларниот ковид-центар во кичевската општа болница. Во Штип, пак од 13 хоспитализирани пациенти – 7 се вакцинирани.
„Имаме 13 хоспитализирани пациенти и од нив 10 се на кислородна поддршка. 7 пациенти се вакцинирани“ - вели Марина Шуманска – Клиничка болница - Штип.
По најавата од властите дека од понеделник стапуваат на сила новите рестриктивни мерки – кои вклучуваат сертификат од вакцина при влез во затворен или угостителски обејкт каде има повеќе од 30 луѓе – значително расте и интересот за вакцинација. Иако деновие се отворија и нови 4 вакцинални пунктови во Скопје, сепак можеа да се забележат гужви и турканици.
Според граѓаните, немањето организација, ги претворило вакциналните пунктови во нови жаришта на Ковид 19.

