Забелешки на еколошките здруженија за државната стратегија за рударство
Интензиво рударство во земјоделска и туристичка држава ќе донесе големи штети и врз природата но и врз здравјето на граѓаните. Ова е ставот на екологистите кои поднесоа забелешки за Стратегијата за рударство во Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство.
Лилјана Поповска од Зелен институт вели дека поучени од лошите искуства во изминатите десетина години, неусогласеност и неспроведување на законите, како и од вештото избегнување на процедурите од страна на концесионерите, забелешките се во насока да се заштити населението и да се осигура иднината.
„Тоа е проблематично бидејќи во Македонија покрај неколкуте рудници што ги има ги има и од минатото рударско искуство и токму порадти тоа и нерешениете остатоци од хавариите, покрај сето тоа Македонија е земјоделска земја што развива туризам и се тоа се коси со таа стратегија за интензивно рударство.“ - Лилјана Поповска Зелен институт - Скопје.
Екологистите потенцираат и дека за нив поимот „одржливо рударство“ е план за изградба на нови рудници. Велат дека заканувачки се и картите со стотици рудни наоѓалишта на секој дел од Македонија.
Министерството за енергетика неодамна објави дека сите пристигнати забелешки ќе бидат темелно разгледани и соодветно интегрирани во финалната верзија на Стратегијата. Оттаму потенцираа и дека во тек е изработката на два нови законски текста - Законот за рударство и Законот за геолошки истражувања.
Покрај за стратегијата за рударство, екологистите реагираа и за Стратегиската оцена на животната средина.