За загадување на Маркова Река, ЈП „Дрисла“ се соочува со глоба од 120 илјади евра
ЈП „Дрисла“ – Скопје се соочува со глоба од 110 илјади до 120 илјади евра, а управителот со глоба до 6 илјади евра, соопштија владините служби.
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка против правното лице ЈПДКО „Дрисла“ - Скопје и против управителот пред Основниот кривичен суд во Скопје поради одбивање потпишување на записникот за спогодба од страна на директорот на Јавно претпријатие за депонирање комунален отпад „Дрисла“ – Скопје по извршениот вонреден надзор.
Изречената казна следува по вонредниот надзор на Инспекторатот на 4.9.2023 година по дојава на граѓани од селото Батинци за загадување на Маркова Река во претпладневните часови.
При вонредниот надзор визуелно е утврдено дека има загадување на Маркова Река со темнокафеава течност, но при надзорот не е почувствуван некаков мирис.
Според ДИЖС, истиот ден од страна на акредитираната лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ – Скопје земени се мостри од три места за анализа на водите од Маркова Река, како и една дополнителна мостра доставена од граѓани од Батинци.