За ВМРО-ДПМНЕ солидарниот данок е ново економско промашување на власта
По бизнис заедницата и опозицијата со своја реакција за Законот за данок на солидарност. Правна несигурност, двојно оддночување и нарушена ликвидност на компаниите ова се неколкуте негативни ефекти кои ќе ги предизвика новиуот данок за фирмите, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според пратеникот Бојан Стојановски, власта поввторно го злоупотреби европското знаменце за побрзо да го донесе овој закон кој ќе биде на штета на бизнисот.
„Непредвидливоста во даночните политики го намалува инвестирањето на постојните компании, внесува дополнителен ризик кај потенцијалните инвеститори. Сериозно нарушување на ликвидноста кај компаниите. Во услови кога сè повеќе компании имаат проблеми со наплата на своите побарувања, кога се соочуваат со зголемени каматни стапки на кредитите, а со тоа и повисоки рати за исплаќање, власта одлучи да им одземе голем дел од ликвидните средства и со тоа ќе им нанесе сериозни последици во работењето.“ - вели Стојановски.
Проблематично за Стојановски е и тоа дека со овој нов данок не се опфатени компании кои лани се формирани. А токму минатата година беа основани фирми кои се занимаваа со продажба на струја и за краток период остварија милионски суми на добивка. Образложението за ваквиот потег на креаторите на солидарниот данок е дека не може да се направи споредба на остварениот приход на компаниите основцани лани со годините претходно, што е еден од условите за плаќање на овој данок.
Бизнисот и натаму реагира, и апелира до претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот на законот. Стопанските комори се едногласни дека нови даноци не им се потребни, владата парите кои планира да ги собере од приватниот сектор да ги обезбеди од нефункционалните државни институции.
„Доколку е идеата да се приберат одредени средства треба да се размислува за рационализација на државниот сектор и јавните претпријатија, кои континуирано бележат загуби, или одредени други институции кои се неефикасни.“ - вели Трајан Ангеловски Претседател на ССК.
Проценките велат дека околу 200 компани треба да платат околу 80 милиони евра еднократен данок за солидарност а тие пари според властите ќе се искористат за нови мерки во стопанството. Овој данок ќе имаат обврска да го платат компаниите кои лани имале поголем приход од 10 милиони евра или пак приходите им се зголемени за 30 отсто во споредна со последните неколку години.