За викендов најавени блокади на патот за Пониква ако не запре палењето на отпадот на депонијата во Кочани

Чадот од градската депонија во Кочани причина за мирен предупредувачки протест на жителите од кочанско Бели, кои подолг временски период се соочуваат со овој проблем.

Од надлежните бараат итно да преземат мерки и да го спречат горењето на отпадот. 

Половина од учениците во подрачното училиште не одат на настава, а повозрасните жители постојано се во болница, додаваат жителите кои тврдат дека причина за сето ова е горењето на депонијата и чадот кој ги гуши. Тие не отстапуваат, бараат итна дислокација на депонијата, но и средба со министерот за животна средина, а најавуваат и целосна блокада на регионалниот пат кон Пониква. 

Од кочански „Водовод“ информираат дека пред неколку денови во гаснење на запалената депонија интервенирала и противпожарната единица, а третманот со раствор од морски алги повеќе не дава резултати, бидејќи депонијата постојано намерно се пали. Инаку, Бели има околу 400 жители и како што велат, поголем број од нив имаат сериозни проблеми со белите дробови.