За в понеделник најавен нов протест пред Владата за случувањата на Онкологија

Неформалната организација „Протест против убиството на Онкологија“ попладнево преку објава на социјалната мрежа Фејсбук ги повика граѓаните да излезат на нов, втор по ред протест во врска со случувањата на Клиниката за онкологија каде што, според пишувањата на одредени медиуми, се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор. 

Протестот, како што се наведува во објавата, е закажан за 18 часот пред зградата на Владата. 

На претходниот протест, кој се одржа на 4 септември пред Владата и Јавното обвинителство, беше поставен ултиматум до властите за една недела да излезат со информации за случувањата на Онкологија, истовремено најавувајќи дека за една недела повторно ќе излезат на улиците.