За убиството во Прилеп се уапсени малолетник и 21-годишно момче
Двајца жители на прилепското село Сенокос, од кои еден малолетен се осомничени дека синоќа убиле 14-годишно дете од Прилеп. Полицијата утрово ги уапси, а еден од нив го признал убиството. При претресот е пронајдено и оружјето со кое е убиено детето.
Ниту полицијата, ниту обвинителстово засега не ги соопштува причините и мотивот за убиството.
Убиството се случи синоќа околу 19 часот, во центарот на Прилеп, во дел полн со луѓе. Дел од нив, кои седеле во кафуле спроти деветкатницата во близина на градскиот плоштад, пред чиј влез се случила трагедијата, раскажаа дека го забележале момчето како се тетерави и паѓа, а потоа ја виделе и брзата помош која пристигнала, но помислиле дека момчето е под дејство на алкохол. Засега, познато е дека момчето бегало од група, но пред влезот на прилепската чаршија паднало. Групата го стигнала почнала да го боде со остар предмет, најверојатно со нож. Откако била повикана, брзата помош го пронашла момчето во крв, со неколку убодни рани и не давало знаци на живот. Обидите на лекарите за негова реанимација биле неуспешни. Обвинителството побара обдукција на неговото тело.
„Детето има неколку убодни рани по грбот и рацете, но обдукцијата ќе покаже која е причината за смртта. Имаме првични основни сомнежи за настанот“, вели Стевчо Биноски, јавен обвинител од ОЈО Прилеп.
Полицијата не можела да го утврди идентитетот на момчето, оти кај него немало никаков документ за идентификација, но подоцна се дознало за кого се работи. Двајцата уапсени имат 16, односно 21 година. Помладиот од нив е оној кој признал дека го убиле 14-годишното дете.