За три месеци, седум убиства!
Ново убиство ја стресе земјава. Во Гостивар, син е уапсен под сомнение дека го убил својот татко, а потоа се обидел да го прикрие делото, тврдејќи дека починал по пад во бањата. Според информациите, случајот бил пријавен како несреќа, но по преземени истражни дејствија полицијата утврдила елементи на кривично дело и го лишила од слобода осомничениот.
Ова е четврто убиство во последните пет дена, период кој започна со пронаоѓањето на обезглавено тело во Зрновци, за кое сѐ уште се утврдува дали станува збор за убиство. Низата продолжи со злосторствата во Охрид и Виница, а кулминираше вчера во Росоман, кога син си ја закла мајка си. Економската криза и социјалните мрежи сѐ повеќе влијаат врз психофизичкиот развој на луѓето, предупредуваат експертите. Според психологот Асен Прличков, ваквите трагедии не се изолирани случаи, туку резултат на подлабоки општествени проблеми.
Во ваков амбиент на растечка агресија, бројките дополнително загрижуваат. Само во првите три месеци од годинава, регистрирани се седум убиства, од кои три се случиле во рамки на семејно насилство. Проблемот е системски, вели Прличков. Затајуваат Центрите за социјални работи, полицијата, но и образованието.
Освен седумте убиствата, во првите три месеци од годинава регистрирани се и пет обиди за убиство и 32 тешки телесни повреди, што дополнително укажува на тренд на зголемено насилство. Злосторствата и несреќите како да станаа заштитен знак на земјава.
Во изминатите три и пол децении, во низа трагични настани, авионски и хеликоптерски несреќи, тешки автобуските трагедии како „Ласкарци“ и онаа во Бугарија, бродската несреќа во Охрид, пожарот во модуларната болница во Тетово, трагедијата во Кочани, конфликтот во 2001 година, но и честите убиства животот го загубија над 1.500 луѓе, оставајќи длабока трага врз општеството и отворајќи прашања за системската одговорност и превенцијата.

