За три месеци продолжено траењето на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало

Портпаролите на Владата Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 83-та седница на Владата на Република Северна Македонија.

Портпаролите соопштија дека Владата на вчерашната седница донесе Одлука за продолжување на рокот за траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.

Одлуката се носи заради потребата од ограничување на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, како и поради тоа што состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизираат.

Висината на трговска маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на продажба на бел леб, бел шеќер и сончогледово масло за јадење се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и на мало.

Исто така, со оваа Одлука се утврдува максималната маржа до 10% во трговијата на големо и на мало и тоа за следните производи: брашно од пченица, макарони и шпагети, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко и јајца.

Во врска со оваа тема, на новинарско прашање за покачувањето на млекото и млечните производи и зголемената цена на огревното дрво, беше истакнато дека на претходна седница, минатиот месец, Владата донесе Одлука за определување на највисоката трговска маржа, како посебен услов за трговијата на огревно дрво од даб, од бука и пелети за огрев.

Највисоката трговска маржа на овие производи за сите трговци се утврдува во висина од најмногу 10%.

Исто така, беше посочено дека економскиот тим на Владата е во постојана комуникација со сите засегнати страни и во наредниот период ќе се донесат и други мерки, за кои јавноста ќе биде информирана.