За три години во сообраќајки загинале 457 лица
За само три години 457 животи згаснале на македонските улици и патишта. Извештајот на Државниот завод за ревизија покажува дека од 2020-2023 година се случиле повеќе од 30.000 сообраќајни несреќи, половина од нив биле со потешки последици, а за 457 луѓе биле фатални.
Нема национална стратегија, нема доволен број на стручни кадри, а не се користат ниту потенцијалите што ги нуди системот „Безбеден град“. Наместо да се активира системот и натаму не е во функција, а се трошат пари за одржување...Освен тоа,ризикот од несреќи го зголемува и лошата сигнализација и недоволното одржување на патиштата....ова е дел од она што се нотира во извештајот на ДЗР.
„Извршените анализи и спроведените инспекции на безбедноста на сообраќајот од страна на ангажираните експерти за потребите на ревизијата упатуваат на висок степен на опасност на делниците предмет на анализа, незадоволителна хоризонтална и вертикална сигнализација, лошо одржување на коловозите кои може да предизвикаат сообраќајни незгоди со последици од истите.“ - Државен завод за ревизија.
Освен ова, од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот причина за се почестите сообраќајки гледаат и кај несовесните возачи. Од МВР велат дека камерите на „Безбеден град“ ќе почнат да снимаат од следната година, со што очекуваат да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
„Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, при што сопственикот на возилото ќе биде известен за сторениот сообраќаен прекршок. Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек, односно во периодот што следи, запазувајќи ги сите законски регулативи.“ - Гоце Андреевски портпарол на МВР.
По ревизијата дадени се и препораки за надминување и подобрување на состојбите во делот на правната и стратешката рамк, но и во делот на зајакнување на човечките и технички капацитети на институциите за згоелмување на безбедноста во сообраќајот.