За среда најавен нов протест за „Усје“ следната недела – блокада на булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“

По првата граѓанска блокада одржана на 26 декември 2025 година, од иницијативата „Стоп за Усје“ велат дека нивните барања биле доставени до сите надлежни институции, но досега не добиле никаков одговор, ниту биле повикани на разговор.

Од иницијативата „Стоп за Усје“ со порака: „Или ќе излеземе сите – или ќе нè снема еден по еден! Излези, затоа што воздухот нема да се исчисти сам“. Новата граѓанска блокада е најавена за 21 јануари 2026 година (среда) во 18:00 часот, на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, на правецот кон Усје.

 

Од Град Скопје Градот Скопје велат дека протестот е уставно загарантирано право на граѓаните, и дека сите потенцијални загадувачи ќе бидат санкционирани согласно надлежностите на Градот Скопје. 

 

„Потсетуваме дека на претпоследната седница на Советот на Град Скопје за 2025 година, кога паралелно се одржуваше протест на истата локација, градоначалникот и Советот на Град Скопје јавно и институционално го поддржаа протестот. Истовремено, на седницата која беше во тек за време на протестот, едногласно беше донесен Заклучок за дислокација на цементарницата УСЈЕ, како и за сите индустриски капацитети кои се лоцирани во урбаното ткиво на градот Скопје.Секое евентуално непочитување на пропишаните стандарди подлежи на соодветни законски санкции.“ - велат од Град Скопје. 

Од Влада појаснуваат дека дека секој граѓанин има уставно загарантирано право слободно да го изрази своето мислење, вклучително и преку мирен протест, и тоа право се почитува како темелна демократска вредност. Појаснуваат дека, како Влада остануваат посветени на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните, при целосно почитување на правото на граѓаните на мирно и законско изразување на своите ставови.

„Сите институции и правни субјекти, вклучително и цементарницата УСЈЕ, се должни да постапуваат согласно законските надлежности и важечката регулатива за заштита на животната средина. Државниот инспекторат за животна средина и Управата за животна средина постојано ја следат состојбата и да го известуваат во дадените законски рокови Министерството за животна средина и просторно планирање, кое врз основа на тие извештаи ја следи примената на законските норми. Секое евентуално непочитување на пропишаните стандарди подлежи на соодветни законски санкции.“ - велат од Влада на РСМ. 

Претходно, на иницијатива на советниците на „Зелен хуман град“, Советот на Град Скопје на седница едногласно усвои заклучок за отпочнување постапка за дислокација на цементарницата „Усје“ и сите големи индустриски загадувачи надвор од Скопската Котлина. По усвојувањето на заклучоците, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека Град Скопје веднаш ќе ги достави до сите релевантни институции.

Од компанијата Титан Усје  претходно демантираа дека се загадувачи на амбиенталниот воздух и посочија дека сите досегашни јавно достапни научни истражувања и студии покажуваат дека индустријата не е меѓу главните причинители на лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје. Премиерот, Христијан Мицкоски петходно посочи дека евентуалната дислокација и контролите на УСЈЕ - не претставуваат проблем за централната власт.