За Русија голема грешка е донацијата на тенкови од Скопје за Киев

 Официјална Москва ја опомени македонската влада – голема грешка е донацијата на тенкови за Украина. Оваа остра порака со предупредувачки тонови, ја испрати портпаролката на руското министерство за надворешни работи , Захарова, до како што кажа, северномакедонските власти и порача дека донацијата на тенкови од Македонија за Украина е верно подаништво кон НАТО Алијансата.

 

 - И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тие значат „безопасна“ набавка на застарена опрема, останува фактот дека со верноподаничкиот однос кон НАТО (пред сè) Скопје е вклучено во вооружување на Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да знаат за тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија, вели Марија Захарова МНР Русија.

 

На пораката од Москва со заеднички став одговорија македонското министерство за надворешни работи и министерството за одбрана – велат дека Македонија е суверена држава, а одлуките се носат самостојно.

 

- Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за военотехничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција. Република Северна Македонија како членка на најмоќниот военополитички сојуз, НАТО алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји–членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации, велат од МНР и МО.

 

Двете институции во одговорот до Русија, се повикаа на принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на Обединетите Нации и принципите на ОБСЕ за глобална стабилност, но не одговорија ништо за терминот „голема грешка“ кој Москва го употреби до Македонија.