За решавањето на кочанска депонија се бара вклучување на министерството за животна средина

Граѓаните протестираат, екологистите реагираат, градоначалниците дебатираат. Контејнерите и садовите за собирање отпад во Кочани, Виница и Зрновци се преполни и ѓубрето е расфрлано наоколу, а денеска градоначалниците и директорите на комуналните претпријатија одржаа состанок на кој се разговараше за состојбата со депонијата.

На ред е Министерството за животна средина, кое треба да се произнесе за заедничките предлози на градоначалниците на овие општини.

- Општина Кочани побара од соседните општини да го стопираат дотурот на комуналниот отпад на Градската депонија во Кочани, сѐ до моментот на создавање услови за нејзино нормално функционирање. Исто така, Општина Кочани побара од соседните општини во меѓувреме да изнајдат сопствени локации на кои, со одобрение на Министерството за животна средина ќе може да се депонира отпадот што се создава на нивната територија. - Општина Кочани.

Општините Виница и Зрновци предложија, по нормализирањето на работата на Градската депонија во Кочани, да учествуваат со финансиски средства за обезбедување 24-часовна чуварска служба, како и за обезбедување механизација и фирма за одржување на депонијата.

И денес граѓаните го блокираат патот кој води кон Градската депонија во близина на кочанското село Бели поради енормно загадување на воздухот. Но, освен справувањето со отпадот, речиси секојдневно никнуваат нови еколошки „бомби“ ширум земјава, вели поранешниот министер, Зоран Шапуриќ.

Дека еколошките проблеми во државата ескалираат, потврдуваат и еко-активистите од југоисточниот регион. 

Дали на повидок е еколошка бомба со здравствени последици е прашањето кое се отвора сега од црвената зона во која се наоѓа државата, а посебно истокот, каде ситуацијата со депонијата е алармантна.