За пациентите е потешкотија заминувањето и враќањето од дијализа со автобуси
Наместо организиран превоз со такси како досега, државата сега им дава надоместок за автобуски карти на пациентите кои одат на дијализа во Градската општа болница Осми септември.
Договорот со такси превозникот кој ги превезувал пациентите до болницата истекол на средината на октомври и оттогаш добиваат надоместок за автобуска карта. Сепак за голем дел од нив кои се во потешка здравствена состојба возењето во автобус претставува потешкотија, особено по дијализата која трае со часови.
„Сите пациенти кои што се на дијализа сега добиваат надомест од Министерството за финансии за деновите кога се на дијализа за две или четири автобуски карти зависно од местото на живење. „Еднаш стекнато право кога ќе се укине пациентите реагираат. Имено секако дека пациентите кои имаат здравствени проблеми а тоа се поголем број од пациентите кои одат на дијализа во Осми септември повеќе им одговараше да имаат организиран такси превоз како што е организирано и во приватните центри. Навистина ова е проблем за пациентите со влошена здравствена состојба кои не можат да го користат јавниот превоз автобуски.“ - Душко Ѓоргиев претседател на Здружение на граѓани „Нефрон“.
Министерот за здравство Арбен Таравари не беше запознаен со проблемот и денеска само кусо одговори дека дека транспортот треба да го покрие концесионерот.
„Јас мислам дека концесионерот треба да го поркие транспортот на пациентите, но дозволете ни за еден час ќе ви одговориме точно.“ - Арбен Таравари министер за здравство.
Инаку според здружението Нефрон станува збор за четириесеттина пациенти со бубрежна болест кои одат на дијализа во болницата Осми септември. Дел од нив заминале и во приватните центри за дијализа каде има организиран превоз. Сепак, за друг голем дел ова е проблем и бараат да се врати превозот со такси како што беше досега организиран.

