За КСС е прифатлив предлогот да се исплаќа плата по работен час – Владата најави анализа на состојбата
Ќе следува ли голема промена за платите во државата наскоро? Наместо месечна плата, можно е да се плаќа по сработен час. Оваа идеја што ја иницираше Сојузот на стопански комори е прифатлива и за Конфедерацијата на слободни синдикати. Оттаму велат дека e време да се смени методологијата за пресметка на платите.
Но, дали саатнината ќе остане 150 денари или е потребно нејзино покачување, од КСС, кои денеска ја организираа конференцијата за минимална плата, засега без конкретен одговор. Од Владата пак со став дека се отворени за дијалог и разгледување на сите предлози, но дека треба да се направат дополнителни анализи.
Според работодавачите, пак ваквиот начин на исплата на плата е прифатлив и тоа нема да значи дека работодавачот ќе го тера работникот да работи колку што сака саати.
Од Сојузот на стопански комори од каде потекна идејата за плаќање по саатнина пак велат дека ваквиот начин на исплата значи пофлексибилно работно време за работникот, поголема продуктивност и заштеди за компаниите. И додека денешниот работник се соочува со ниски примања, несигурност и намалена куповна моќ, истовремено, во приватниот сектор зголемувањето на платите често се условува со растот на продуктивноста. Повисоката продуктивност треба да овозможи и повисоки плати, а подобро платениот работник да биде мотивиран да придонесува за развојот на компанијата.

