За изјавата на претседателката за „апстрахирање“ од патот кон Брисел – МНР без коментар, велат остануваме на европскиот пат
Македонија останува цврсто определена на патот кон ЕУ - шефицата на државата ќе треба да ја објасни својата изјава. Ова го порача заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски. На прашање за изјавата на Сиљановска Давкова дека Македонија треба да се апстрахира од како што рече таа – измислениот пат кон Брисел, Димитровски не сакаше да коментира, но кратко порача дека земјата нема друга алтернатива.
Зоран Димитровски заменик МНР – Таа ќе треба да објасни што точно мислела, меѓутоа, во секој случај, ние остануваме цврсто определени кон евроинтеграциите, нема Македонија друг пат. Нашиот европски пат е недвосмислен и без алтернатива. Тоа можам да го соопштам во име на МНР и сигурен сум и на Владата. Исто мислам дека го мисли и претседателката , но сепак таа ќе треба да објасни во кој контекст ги дала своите изјави.
Димитровски изјави и дека следува интензивен период на завршување на Акцискиот план за малцинствата, но не откри кои од бугарските барања ќе влезат во документот.
Зоран Димитровски заменик МНР – Ги правиме напорите, во акцискиот план да бидат внесени сите забелешки кои што се рационални и кои можат да придонесат за унапредување на правата на малцинствата во Македонија .
А Шефицата на државата, во интервју за МКД, во контекст на политизација на прашањето за евроинтеграциите на регионот, порача дека Македонија треба да се апстрахира од статусот членство...
Гордана Сиљановска Давкова претседателка на Северна Македонија - Така што ќе направиме нешто што одамна требаше да го направиме – да се апстрахираме од статусот „членство“. Да се апстрахираме од измислениот пат кон Брисел и да се фокусираме на суштината – европеизација, да се самоевропеизираме. Не како политичка цел, туку како темелна претпоставка за ЕУ како еден демократски политички систем, суи генерис политички ентитет.
Лидерот на опозициската СДСМ Филипче, денеска повторно обвини дека власта нема намера да ја внесе земјата во Европската Унија и дека ја води државата во изолација.
Телевизија 24, пак, веќе објави дека Македонија е на чекор пред усвојување на Акцискиот план за малцинства и дека владата планира документот да го усвои овој месец, откако по консултација со Брисел ќе се оддржи уште една рунда разговори на експертско ниво. Според нашите извори, најголемиот проблем е тоа што Бугарија бара нејзиното малцинство да биде посебно третирано во документот наспроти препораките на експерите од Совет на Европа.
Акцискиот план е еден од условите кои покрај уставните измени, Макеоднија мора да ги спроведе, за да ги стартува преговорите со ЕУ. Документот треба да биде усвоен на ниво на ЕУ, а Бугарија може да го блокира.

