За евтината тарифа за струја ќе треба време за да се прилагодат сите броила, за да важи за сите граѓани одеднаш

ДДВ-то за струја ќе биде 18% и ќе почне да се применува од 1-ви јули кога ќе има и нови цени на струјата во тарифните блокови. Министерот за економија Крешник Бектеши уверува граѓаните нема да плаќаат поскапа струја.

Идниот месец Бектеши најави средба на надлежните инситуции во склоп на енергетскиот совет на која ќе разговара за нов модел за пресметување на цената на електричната енергија.

Се враќа и дневната евтина тарифа на струја, нo нема да стапи на сила истовремено за сите. Ќе бидат два часа во денот, во периодот од 11 до 16 часот, првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимовски појаснува се прават последните анализи и точно ќе се знае за петнаесетина дена.

„Евтината струја нема да стапи на сила во еден ист момент за сите, поради тоа што голем дел од броилата немаат далечинско управување, па тимови ќе треба кај секој да пристапат физички.“ - изјави Марко Бислимовски претседател на Регулаторна комисија.

Сепак по која цена граѓаните ќе ја плаќаат струјата од први, клучно ќе биде по која цена ЕСМ ќе ја продава произведената струја кон ЕВН Хоум, но и колку ќе произведат домашните капацитети. Во ЕСМ пресметките се уште се во тек. Откако ќе се направат анализите истите ќе бидат доставени до Владата, која одлучува за крајната цена на затворена седница.

Во меѓувреме енергетските компании почнале со доставување на пресметките за трошоците до регулаторна, кои се потребени за формирање на новите цени на струјата во тарифните блокови.