За два дена Бранко Азески од Стопанската Комора му испрати и второ писмо на премиерот Мицкоски
Ако треба ќе му пишувм секој ден, вака претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ја демантира информацијата дека се пишманел, па го повлекол вчерашното писмо до премиерот Мицкоски со забелешки за Законот за забрана на нефер трговски практики. Азески во изјава за ТВ24 потврди дека денеска е испратено ново писмо, но со дополнителни забелешки и предлози од други групации кои се дел од комората, а целта е да се изнајде најдоброто решение.
Со првото писмо, Стопанската комора побара од премиерот Мицкоски да се избрише делот од Законот со кој се ограничува рабатот што доставувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај доставувачот непродадените производи. Од Комората сметаат дека треба да се зголеми рокот во кој купувачот го известува доставувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ. Бизнмените побараа, а премиерот вчера прифати одлагање на примената на Законот. Азески, кој изрази оптимизам дека состојбата ќе се подобрува, открива дека со Владата ќе се среќаваат на секои шест месеци.
Законот за забрана на нефер трговски практики беше донесен пред шест месеци, а замислата е со него да се намалат цените на прехранбените производи. Тогаш беше објавена и листа со околу 2.500 производи чии маржи не смеат да бидат повисоки од 10 отсто.