За бизнисот нови бескаматни кредити, ќе се работи повторно, но со протоколи
Foto

За бизнисот нови бескаматни кредити, ќе се работи повторно, но со протоколи

Се работи на изготвување план за реотворање на економијата, чекор по чекор, постепено, зависно за кој сектор се работи. Формиран е тим кој, како што објави министерката за финансии Нина Ангеловска, работи со стопанските комори, економските ресори, со Министерството за здравство и  епидемиолозите за да се креира план за постепеното отворање и кои би биле секторите кои временски етапно може да очекуваат кога да отворат и да се подготвуваат за одредени протоколи кои ќе мора да ги испочитуваат.

-На сите ни недостига нормалниот живот и сакаме да се врати поскоро, но здравјето е на прво место и треба многу внимателно да делуваме во оваа ситуација. Министерот за здравство кажа дека очекувањата се за мај, но дали третата недела, втората половина е рано да се каже, зашто зависи од кривата на движење на новите случаи, рече Ангеловска вчера на прес-конференција.

Таа објави дека на микро, малите и средните компании погодени од коронакризата од следната недела ќе им бидат на располагање нови бескаматни кредити преку Развојната банка како дел од новата кредитна линија Ковид 2. Средствата во вредност од осум милиони евра се обезбедени преку компензациските јапонски фондови и се дел од вториот сет антикризни мерки за подршка од Владата на фирмите и граѓаните.

-Нема ограничување на дејностите кои може да аплицираат. Еден од условите е компаниите да имаат пад на приходите од 30 проценти. Минималниот износ за кој може компаниите да аплицираат е 3.000 евра, а максималниот износ 90.000 евра. Кредитите се бескаматни, рокот на отплата е до три години со грејс период од 12 месеци. На нула се сведени и трошоците кон Развојната банка, рече Ангеловска.

Првата линија бескаматни кредити, „КОВИД-1“, изнесуваше 5,7 милиони евра и беше наменета за најпогодените три сектори: туризам, транспорт и угостителство. Досега по однос на оваа линија се одобрени апликации на 254 компании во износ од 2,2 милиона евра во кои работат околу 3.000 лица. Вкупниот износ на средства што им се даваат на располагање на компаниите со двата повика изнесува 13,7 милиони евра.  Покрај ова, компаниите имаат на располагање и околу 50 милиони евра преку комерцијалните банки.

Нови поконкретни и поопширни мерки за поддршка вчера побараа од транспортниот сектор, еден од трите најпогодени од кризата. Откако Владата донесе одлука за зголемување на акцизата на горивата асоцијацијата Макамтранс најави протест за следната недела со барања за помош на секторот. Со нив не се солидаризира транспортната асоцијација АМЕРИТ од каде сметаат дека тоа нема да помогне за излез од економската криза поради коронавирусот.

Бараат подетално образложение на ефектите од оваа мерка во јавноста, на транспарентен начин, но и гаранции за намената на собраните средства и нивна распределба онаму каде што е потребно, не изоставувајќи го товарниот транспортот, но и патничкиот превоз, кој бележи 100 проценти пад од почетокот на пандемијата.

-Очекуваме Владата да донесе нов сет на мерки, со кои би се ставил мораториум на кредитите на транспортните фирми додека трае вонредната состојба, да се укинат субвенците за авионскиот превоз и железничкиот превоз, и конечно да се реши проблемот со дивите превозници, а со тоа и ќе се зголемат средствата во Буџетот, порачаа од АМЕРИТ.

0 Коментари

Остави коментари