За 800 000 евра во четири очи ќе се набавуваат брзи тестови - владата се правда со итност
Без објавување на оглас и за повеќе од 800.000 евра Владата ќе купува брзи тестови за коронавирусот. Од таму велат дека ваквата постапка може да се спроведе во четири очи „доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои надлежните не можеле да ги предвидат, роковите за другите постапки не може да се применат“.
„Врз основа на проценката дека бројот на заразени и сомнителни случаи ќе расте, Министерството за здравство предложи, а Владата даде одобрување за набавка на брзи антигени тестови. Се очекува мислење од Бирото за јавни набавки по што ќе се знае динамиката и кога би пристигнале.“ - велат од Владата на РСМ.
Набавките без објавен оглас се едни од најнетранспарентните, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации. Според него, ваквите набавки биле оправдани во март или април кога ниту една институција не предвидела набавка на средства за заштита од Ковид 19 но не и сега кога веќе се знае дека кризата се' уште постои и ќе трае.
Од Владата за ТВ 24 велат дека овие тестови се нови и од скоро одобрени од Светската здравствена организација иако претходно министерството за здравство веќе набави 13.000 брзи тестови пред нешто повеќе од еден месец.
Филков објаснува дека иако јавната набавка на брзите тестови е во четири очи сепак и таквата постапка има процедура која секоја институција мора да ја примени.
За јавните набавки во четири очи како ризик од корупција денеска предупреди и Сабина Факиќ која на денешната дебата организирана од Центарот за граѓански комуникации, меѓу другото рече дека одредени претпријатија, меѓу кои и јавните водат нетранспаретната постапка без објавување на оглас.
Во светот брзите антигени тестови прв пат беа одобрени од Управата за храна и лекови на САД (ФДА) на први септември годинава. Тестовите чинат пет долари.