Вжештен политички фронт околу случајот „Мазут“
Се проширува вжештениот политички фронт за случајот „Мазут“. Жестоки обвинувања денеска упати пратеникот на власта, Миле Лефков, кој вели дека семејните врски на обвинителката Коларевиќ и судијата Абази ги амнестирале осомничените блиски до ДУИ и СДСМ за случајот вреден 167 милиони евра.
Од друга страна, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, смета дека ова е класичен притисок врз судството и најави дека ќе се жали во амбасадите за случајот со мазутот бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ја играле улогата на обвинители од Тему.
Претходно и пратеникот Антонио Милошоски обвини дека обвинителката Коларевиќ знаела оти во економскиот криминал штетата се утврдува со економско вештачење, а не со изјава од „поткупен сведок“ или вработен во ЕСМ, но постапила селективно и им дала повластена позиција на осомничените, со што го деградирала владеењето на правото.
Инаку, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Но, додека политиката и правосудството војуваат со соопштенија за тоа каде завршиле 167 милиони евра и дали имало економски криминал, еколошките здруженија и граѓаните реагираат на уште еден пропуст, прашањето за еколошкиот криминал – односно каков мазут се согоруваше во ТЕЦ Неготино и како тоа ќе влијае врз здравјето на граѓаните.Последните информации се дека Обвинителството се уште бара експерт кој ќе ги протолкува анализите врз мазутот направени во Србија.

