Вучиќ и Курти пристигнаа на дијалогот во Охрид под покровителство на ЕУ
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти утрово пристигнаа во комплексот „Билјана“ во Охрид, каде денеска треба да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина посветен на нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ, а чиј домаќин е премиерот Димитар Ковачевски.
Денешните разговори, на кои ќе присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете. Официјален Брисел очекува на средбата да се усогласат ставовите за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот.
Од 2011 година Србија и Косово се ангажирани во дијалогот инциран и предводен од Брисел. Во 2013 година тогашните премиери на двете земји, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, го постигнаа т.н. Бриселски договор, но многу елементи од него останаа неимплементирани до денес. Главниот камен на сопнување во процесот е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, што Приштина одбива да го спроведе, стравувајќи дека тоа ќе создаде ентитет сличен на Република Српска во земјата, што потоа ќе ја загрози нејзината функционалност.
Според најавената агенда на разговорите во Охрид, прво се предвидени одвоени средби на високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Лајчак со двете делегации, а потоа е предвидена и заедничка средба. По завршувањето на средбите во вилите „Билјана“ и „Охрид“, најавено е обраќање на Борел пред медиумите.
Средби со Борел и со Лајчак ќе има и премиерот Ковачески, а најавени се и тет-а-тет средби со Вучиќ и Курти,
Инаку, за средбата има голем интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет, со акредитирани 230 новинари и сниматели од бројни медиумски куќи.
За време на одржувањето на состанокот на подрачјето на Охрид на сила ќе бидат соодветни безбедносни мерки, со физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти.