Втори август е европски ден на сеќавањата на Холокаустот врз Синтите и Ромите

„Dikh he na bister“ или „Гледај и не заборавај“ е главниот слоган под кој секоја година, на 2 август, се одбележува еден од најкобните и најмрачните денови во историјата на Ромите и Синтите.

Втори август е европски ден на сеќавањата на холокаустот врз Синтите и Ромите кога на истиот ден во 1944 година во една ноќ во Аушвиц се убиени огромен број на луѓе. 

Ромите и Синтите во Европа биле мета на прогон од страна на нацистите, а масовните убиства го достигнале врвот во периодот од 31 јули до 2 август 1944 година кога Германците ја почнале ликвидацијата во Аушвиц – Биркенау . 

Урмета Арифовска, од Регионалната ромска образовна младинска асоцијација потенцира дека константната едукација овозможува да се присетиме на она што не смее да биде заборавено и никако ставено под тепихот на заборавот. 

Понекогаш познат и како “заборавениот холокауст“, геноцидот врз Ромите со децении по завршувањето бил исклучуван од пишаната историја за Втората светска војна. 

Во 1982 година, германските власти официјално ги признаваат кривичните дела против Ромите во текот на Втората светска војна. Триесет години подоцна, канцеларката Ангела Меркел го отвора спомен обележјето посветено на геноцидот врз Ромите во Берлин. 

Во април 2015 година, Европскиот парламент усвои резолуција со која  2 август е прогласен за Европски ден на сеќавањето за холокаустот врз Ромите, со цел чествување на жртвите од геноцидот врз Ромите од Втората светска војна.