Втора седница на Економско социјалниот совет
Во Владата денеска ќе се одржи втора седница на Економско социјалниот совет (ЕСС), на која се очекува да се разговара за зголемување на минималната плата.
По седницата, која треба да започне напладне, прес-конференција ќе одржи претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Министерот за економија Бесар Дурмиши, пред една недела ја најави оваа седница посочувајќи дека на неа ќе се разговара за зголемувањето на минималната плата. Дурмиши кажа дека во Буџетот се предвидени пари за оваа намена, но дека треба да се разговара со сите засегнати страни колкаво би било зголемувањето. Од Сојузот на синдикати, кои на првомајскиот протест побараа зголемување на сите плати, вклучително и на минималната плата на 450 евра, велат дека аргументите се на нивна страна.
- Во март, според законот ќе се направат пресметките и ќе се види колку ќе биде минималната плата. Средства се предвидени во буџетот за да се покачи минималната плата, но колку ќе биде тоа, ќе видиме во текот на јануари и февруари. Кога ќе заврши годината, ќе се направат пресметките и ќе знаеме точно за колку ќе се покачи минималната плата, изјави денеска Дурмиши.
Вели дека има политичка волја да се зголеми минималната плата, но дека мора да се чујат сите засегнати страни.

