Втор столб на пензискиот фонд
Национализацијата на вториот пензиски столб не е решение. Може краткорочно да донесе пари но на долг рок нема да има никакво подобрување. Вториот столб е воведен поради релаксирање на обврските на првиот. Вака директорот на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови, Марјан Николовски одговори на прашањето дали доколку се национализираат парите од вториот столб би го покриле дефицитот во државниот фонд. Тој објасни дека парите во вториот столб се на членовите и не може да им бидат одземени. Потенцираше дека целта на реформата треба да биде постепено да се дојде до поголем одржливост на државниот фонд.
Марјан Николовски, претседател на АДПФ: Воведувањето на вториот столб е токму заради релаксирање на обврските на првиот. Во моментот кога ќе дојде време да се исплаќаат паралелно пензии и од првиот и од вториот столб обврската за исплата на пензии некаде половина од износот ќе падне на терет на вториот столб. А државнито фонд на ПИОМ и понатаму ќе продолжи да задржува повеќе од две третини од вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување.
Во однос на исплаќањето на пензии од вториот столб анализата на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување со пресек на 30 јуни годинава покажува дека вкупно 147 корисници остваруваат исплата од вториот столб. За овие лица е исплатен вкупен нето износ од околу 1 400 000, со просечна нето исплата по корисник од 9.878 денари. Просечниот пензиски стаж на овие корисници изнесува 22 години, додека просечната пензиска основица е 38.880 денари.
Најголемиот дел од корисниците, односно 113 лица или 77 отсто, се лица кај кои средствата од вториот пензиски столб учествуваат во обезбедувањето на минималниот пензиски износ. Просечниот месечен износ изнесува 10.168 денари при просечен пензиски стаж од 21 година и просечна пензиска основица од 27.003 денари. Од нив, 75 корисници остваруваат исплата над 8.000 денари, додека 38 корисници имаат исплата меѓу 4.000 и 8.000 денари. Во групата корисници со пензија над минималниот износ се опфатени 34 лица. Оваа категорија остварува просечен пензиски стаж од 25 години и просечна пензиска основица од 81.762 денари.

