Втор ден штрајк на приватните специјализанти

Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти. Скопските клиники и денеска останаа со помал број лекарски тимови, а младите лекари порачаа дека не отстапуваат од нивните барања за повисока плата и решавање на здравственото осигурување.

Остро реагираа и на изјавата на минситерот за здравство, Илир Демири кој вчера рече дека зад штрајкот  гледа политичка позадина. 

„Немаме никакви политички мотиви...Мотивите за овој штрајк се сите овие колеги позади мене кои ги бараат основните услови за живот и срамно е еден доктор да нема здравствено осигурување и нема ниедна политичка партија која треба да не мотивира за да ние си ги бараме правата. Јас лично немам ниту една книшка од партија, единствена книшка којашто јас ја имам дома е крводарителска книшка.“ - вели Д-р Христина Илијоска Чешларовска специјализантка.

Поддршка младите лекари утринава добија и од дел од граѓаните кои се затекнаа во скопскиот клинички центар. Незадоволни се и пациентите кои реагираа дека со часови чекаат за здравствена услуга, додека државата не обезбедува услови за да ги задржи младите лекари. 

„Многу ми е жал за ова што се случува со младите лекари и што не ги примаат, а од другата страна има луѓе што чекаат, на онкологија е ужас, луѓето чекаат со часови, дајте нека ги примат овие луѓе, зошто да стојат тука зошто да не бидат вработени и да не им тече стаж како на сите нормални луѓе, дајте направете нешто за овие млади луѓе дани останат тука, како да останат и како и народот да остане кога ќе нема доктори, професори, до каде отидовме, многу е жалосно ова што се случува во нашава држава, два милиони народ, а не можеме да се организираме.“  

Владата денеска на седница ќе треба да одлучува за барањата за покачување на платите на специјализантите кои сега изнесуваат 26 илјади денари и за здравственото осигурување. Министерот Демири вчера побара трпение од приватните специјализанти бидејќи станува збор за предизборие.

Но, додека тврди дека предизборието е кочничар за исполнување на барањата на приватните специјализанти, истовремено назначува нови економски директори на клиниките, истите за кои со години се најавува дека ќе се укинат, бидејќи се непотребни и дека се работни позиции само за вработување партиски кадри.