Втор ден на Годишната конференција

Денеска се одржа вториот дел од Годишната конференција „Година на нови можности“. На првиот панел посветен на енергетиката, се обрати премиерот Димитар Ковачевски, а беа реализирани вкупно четири панели, на коишто говореа министри, експерти, професори, претставници од невладиниот сектор.

„Зголеменото производство на електрична енергија е основа наредниот период да имаме можно намалување на електричната енергија, истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на денешната панел дискусија „Северна Македонија како зелен енергетски хаб - како да се претвори кризата во можност“.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека стратегијата на Владата, како и експертите ангажирани во енергетскиот сектор, придонесоа да се зголеми производството на електричната енергија, а со тоа да дојде и до намалување на цената на електричната енергија.

„Минатата година ЕСМ успеа да го зголеми производството на електрична енергија за 20% во однос на претходната година. За оваа година планот е повторно зголемување на производството на електрична енергија. Драго ми е што вчера видовме податок дека во текот на вчерашниот ден се произведени над 21 мегават/час електрична енергија, што е најголемо производство во еден ден во изминатите десет години. И тоа дава основа да може да правиме пресметки врз основа на коишто нема да има зголемување на цената на електричната енергија“ рече премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски истакна дека иако очекувањата на сите беа дека ќе има зголемување на цената на електричната енергија на почетокот од годината, со 100% покривање на потребите за електрична енергија за домаќинствата, сметките за малите потрошувачи се намалија за 20%.

„Со менаџирање, Владата не дозволи да има недостатокот од електрична енергија, а со тоа спречи ценовен шок и за граѓаните и за компаниите. Владата минатата година одвои 760 милиони евра, што според податоците од Светска Банка е најголем пакет на антикризни мерки споредено со сите земји од регионот. Со тоа успеавме да ја субвенционираме цената на електрична енергија до 80%. Да не беше таа субвенција, цената на електрична енергија за 600 илјади домаќинства ќе беше пет пати повисока. Малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар, ќе плаќаа три пати повисоки сметки за струја. Од тој аспект сметам дека кризата беше добро менаџирана, бидејќи сите увидовме дека ценовен шок нема и нема да има“, истакна премиерот Ковачевски на панелот.