Врсничко насилство во подем, психолозите алармираат - младите недоволно комуницираат и се почитуваат
Депресија, анксиозност и самоизолација - врсничкото насилство остава длабоки траги врз менталното здравје на младите, предупредуваат стручните лица кои работат со деца и адолесценти. Тие посочуваат дека младите се поистоветуваат со модели на однесување кои промовираат насилно и агресивно однесување, наместо меѓусебна почит, доверба и разбирање, што се должи на вредностите кои владеат во општеството.
Психолозите советуваат на родителите да одвојат време за своите деца – да разговараат со нив вклучително и на табу теми. Стручните лица алармираат дека кога на младите им недостасува разговор и поддршка од родителите, тие посегнуваат кон интернет каде нема родителска контрола на какви несоодветни содржини тие се изложени.
Учебната година која што туку заврши ќе биде запаметена по запрепастувачки случаи на врсничко насилство – некои од нив кои ја шокираа јавноста беа случаите во основни училишта каде дете со попреченост беше удирано и навредувано од соученик, а третоодделенки малтретирале соученик да бакнува училишни тоалет шолји. Во средно училиште 15годишно девојче беше истепано од група на соученички а снимката потоа споделена на социјалните мрежи.
Од МОН потенцираат дека директорите на училиштата се должни да пријавуваат случаи на врсничко насилство до надлежните институции. Сепак, невладините организации посочуваат дека мора да постојат и услуги во безбедни средини надвор од училиштата каде младите ќе можат да добијат бесплатно советување за грижа за своето ментално здравје.

