Врсничко насилство, истепана ученичка во скопска гимназија

Петнаесет годишна гимназијалка е уште една жртва на меѓуврсничко насилство.  Јавноста се вознемири по објавеното видео во кое се гледа како две девојчиња ја напаѓаат жртвата, од кои едното и е соученичка и претседателка на класот во кој двете учат.

Снимката која се прошири на социјалните мрежи,  ја направиле повеќе тинејџери кои се гледа дека го потпалуваат насилството, што според психолозите е нешто за што треба со особено внимание да се разговара.

Претепаното девојче е  ученичка во гимназијата која ужива висок рејтинг помеѓу младите, Јосип Броз Тито.

По бруталното претепување таа сама дошла до гимназијата во центарот на градот, но поради исцрпеноста колабирала пред обезбедувањето по што биле викнати нејзините родители. Девојчето се здобило со хематом на окото, набиеници на вратот и десната плешка, хематом на главата, повреди на колената и тешки трауми.

Од училиштето се уште не се огласија со став во врска со случајот, но на родителите им било соопштено дека насилната ученичка не може да биде избркана од училиштето бидејќи тепачката се случила надвор од училиштето.

Родителите го пријавиле случајот во полициската станица Беко и кај Јавен обвинител, дошол и инспектор за малолетничка деликвенција. Родителите на истепаното девојче за  ТВ24 велат дека постапката правно и законски ќе ја тераат до крај за да се прати пораката дека мора да се превенираат и во иднина вакви или слични случаи.  Во гимназијата веднаш ќе свикаат наставнички совет за да се види какви чекори понатаму ќе преземе училиштето. 

Според Станоева, одговорност за агресијата кај младите треба да се бара од сите фактори но осбено треба да внимаваат родителите, кои во трката за пари забораваат да ги прашаат децата дали се соочуваат со проблеми.

Меѓуврсничкото насилство остава долготрајни последици и трауми врз жртвата. И покрај анти булинг кампањите се уште е голем бројот на малтретирања на соученици.