Врие на Косово: САД и ЕУ разочарани од Курти
Американската влада е разочарана од едностраните, некоординирани дејствија што вчера ги презеде косовската влада против филијалите на српската пошта на северот на Косово. Тие ја повикаа Приштина да ги прекине сите натамошни еднострани дејствија и како што рекоа, да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот со поддршка на ЕУ за да се решат прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.
- Некоординираните акции на косовската влада ги ставаат во поголем ризик граѓаните на Косово и војниците на КФОР, непотребно ги ескалираат регионалните тензии и го поткопуваат угледот на Косово како доверлив меѓународен партнер. - САД.
Европската Унија пак затворање на деветте филијали на „Поштата Србија“ на северот на Косово го смета како некоординиран чекор, затоа што со договорот меѓу Белград и Приштина за телекомуникациите од 2013 година е предвидено прашањето за поштенските услуги да се реши „во подоцнежна фаза“ од разговорите.
- Предвиден дијалог за решавање ова прашање. За жал, тоа што вчера го направија косовските власти, е апсолутно целосно некоординирано и претставува апсолутно едностран потег, што има многу негативни последици за луѓето во северно Косово. Вчерашната акција на косовските власти е насочена против дијалог меѓу Белград и Приштина и претставува прекршување на договорените обврски. - вели Петер Стано - портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
Сепак премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денеска изјави дека е многу загрижен за судбината на луѓето на Косово и Метохија и дека е незадоволен од реакцијата на меѓународната заедница.
- Многу сум загрижен за судбината на луѓето во Косово и Метохија, незадоволен сум од реакцијата на меѓународната заедница, бидејќи мислам дека добар дел од нив премолчено му дозволуваат на Албин Курти да го прави тоа што го прави, бидејќи ако не дозволуваат, би го санкционирале. Тие сакаат Србите да останат во енклави, како во резервати. Претпоставувам дека некој од меѓународната заедница ќе се разбуди. Имаме можност само политички да реагираме, се друго не води кон конфликти и војна. - вели Вучевиќ
Српската пошта денеска соопшти дека косовската полиција на административниот премин Јариње запрела комбе на Пошта Србија со писма, кое сообраќа на редовната линија на Рашка - Грачаница. Како што наведуваат од Пошта на Србија, запирањето комбиња и приватни пратки за жителите на Косово следува по вчерашната рација во девет филијали во четири општини на северот на Косово кои од вчера се затворени, а документите одземени. Апелираат дека Последната акција на косовската ја зголемува загриженоста кај српското население, бараат итно решавање и смирување на тензиите.

