ВРЕДИ се обедини во еден политички субјект
Коалицијата ВРЕДИ вчера на Конгрес во Скопје во присуство на 850 делегати се обедини во еден политички субјект.
Ко-претседателот на ВРЕДИ и градоначалник на Чаир Изет Меџити во изјава за медиуми истакна дека во албанскиот кампус имало монопол подолг период, гласачите барале промени и така се родила коалицијата ВРЕДИ.
-Гласачите бараа промени уште пред десетина години, но проблемот беше кај опозицијата. Ние тоа го прочитавме добро и се договоривме да се споиме како коалиција ВРЕДИ и од тој момент од опозиција, сега сме позиција и ги претставуваме Албанците во Северна Македонија. По спектакуларната победа на локалните избори, каде победивме во 70 отсто од албанските општини, ние работевме, дебатиравме за сите модели и на крајот одлучивме дека ова е најдобриот модел за ВРЕДИ, рече Меџити.
Ко-претседателот и градоначалник на Тетово Билал Касами истакна дека вечерва во Скопје се случува историја, за првпат пет политички партии и неколку организации се соединуваат во еден субјект во една политичка партија, не само да го сменат политичкото размислување, туку и да станат реален показател за тоа дека политиката е да служи на граѓаните, а не да ги злоупотребува позициите во државата.

