„Вреди“ ги претстави кадрите и програмата: Ќе нема „балансер“, но ќе има закон за правична застапеност

Идниот вицепремиер и министер за екологија, Изет Меџити денеска од Трибината на Коалицијата „ВРЕДИ“се изјасни дека нема да игра фудбал со министрите во кабинетот, нема да излегува со куфер пред јавни институции и нема да се занимава со бизнисите на Лотарија и Соравија.

Потенцира дека правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат согласно Уставот и Рамковниот договор. Најави дека балансерот како механизам за обезбедување правична застапеност ќе биде заменет со закон, но и да се внимава на квалитетот што ќе оди во прилог на сите заедници.

Незадоволството и пинг понг реакции во албанскиот блок директно упатени кон Иван Стоилковиќ, кандидатот за вицепремиер и кандидат за челната позиција на ресорот за односи меѓу заедниците, не запираат.

„Иван Стоилковиќ не го донесовме, туку, го најдовме од ДУИ. Десет години беше во коалиција со ДУИ. Тој ќе води ресор кој што, ние имавме можност да го земеме, но оценивме дека во интерес на Албанците се други ресори. Ќе има ресор кој ќе се занимава со односот меѓу помалите заедниците, но никој случај нема да се занимава со Рамковниот договор или со правата на Албанците. Ние не сме многу задоволни, но тој е партнер на ВМРО-ДПМНЕ и зема дел од нивната власт.“ - рече Изет Меџити-кандидат за вицепремиер и мин.за екологија.

ДУИ останува на ставот, веруваат дека Стоилковиќ не е избор на ВРЕДИ. Оттаму велат дека сакајќи од ВРЕДИ да го прикријат неуспехот, како и загубата на првиот вицепремиер, намалувањето на бројот на министерства, губењето на најтежинските министерства, изборот на про-путинистот и про-Вучиќ, антикосварецот, Иван Стоилковиќ за министерот за спроведување на Охридскиот договор, ВРЕДИ излегле со лага која повеќе наликувала на траги-комично шоу, со цел оправдувајќи ја партијата за улогата на министерот и вазал на ВМРО-ДПМНЕ.

- Законот за правична застапеност што денеска го прогласи „ВРЕДИ“ не е дел од владината програма што до Собранието ја достави претставникот, Христијан Мицкоски. Она што засега е официјално е само отстранување на Балансерот, како важен механизам кој потекнува од Охридскиот договор и има за цел да ги заштити етничките заедници од мајоризација и дискриминација во државните институции. - велат од Коалицијата „Европски фронт.

Утре во законодавниот дом, Изет Меџити очекува демократска, аргументирана и позитивна дебата. Во новата извршна власт, „Вреди“ влегува со двајца вицепремиери и пет министри. Изет Меџити кандидат за прв вицепремиер и челна позиција на Министерството за животна средина, Арбен Травари министер за здравство, Фатмир Лимани на чело на новото министерство за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши министер за економија и труд, Орхан Муртезани за министер за европски прашања и Арбен Фетаи кандидатот за вицепремиер и министер за добро владеење.