Вработените во водостопанство на протест, бараат исплата на мартовската плата
Вработените во дирекцијата на АД „Водостопанство“ и во сите 14 подружници на акционерското друштво, заедно со синдикалните претставници, денеска одржаа мирен протест поради неиспла на мартовската плата.
За проблемот, како што рекоа, биле известени во изминатиот период, по што пред десетина дена се обратиле до Владата и техничкиот премиер за негово решавање, но досега оттаму не добиле одговор.
Синдикалниот претседател посочи дека акционерското друштво се соочува со поголема финансиска криза во последните три години, од кои најизразена е во тековната 2024 година. Во оваа насока кажа дека средствата кои друштвото ги прибавило до февруари годинава од наплата за претходната 2023 година, требало да ги подмират трошоците за плати на вработените во „Водостопанство“ до јуни годинава.