Вработените во УЈП почнаа да протестираат по два часа на ден - почната е процедура за штрајк

Вработените од Управата за јавни приходи почнувајќи од денеска, секој нареден ден од 10 до 12 часот, ќе протестираат на работното мест но без да ги извршуваат работните обврски. Така ќе биде се до влегување во генерален штрајк велат од синдикатот на УЈП.

За штрајкот велат дека правните постапки се почнмати и дека револтот кај вработените во УЈП се зголемува од ден на ден.

Вработените на УЈП во вторникот излегоа на предупредувачки протест пред министерството за финансии, и побараа средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, но тој не ги прими со одговор дека се подготвува општ колективен договор и дека во овој период не можат да преговараат за поединечни случаи.

Получасовен предупредувачки протест, од 12 до 12.30 часот утре ќе одржат и вработените во Царинската управа. Имаат единстено барање – да почне исплатата на додатокот од 30 проценти, кој законски им следува. Како што најавија, доколку не им се исполнат барањата и тие ќе организираат генерален штрајк, а една од опциите за кои веќе размислуваат е затворање на граничните премини.

Неделава и вработените во судската администрација излегоа на мирен едночасовен протест пред Основниот Кривичен суд во Скопје со барање за враќање на додатоците на плата до 35 отсто и итно донесување на законот за судска служба. Посочија дека ако има 78% повисоки плати за функционерите и судиите и тие побараа повисоки плати. Доколку не им се исполнат барањата најавија „бел штрајк“. Оваа флоскула се користи кога се иде на работа но не се исполнуваат работните обврски.

Засега е неизвесно дали вработенитѕе во овие три институции ќе имаат разбирање за кажаното од владата дека се работи на методологија за платите во јавниот сектор и дали е тоа доволно да прекинат со протестиоте активности или напротив.