Вонредни локални во Брвеница: ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе настапат со одделни кандидати
Јовица Радески од СДСМ, Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, Јакуп Хусеини од ВРЕДИ и Аркин Јахији од ДУИ се четворицата кандидати за градоначалник кои ќе се најдат на гласачкото ливче на вонредните локални избори во Општина Брвеница. Изборите треба да се одржат на 18 октомври годинава, по смртта на редовно избраниот градоначалник Јовица Илиевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, доаѓа од приватниот сектор, каде што долги години работи како ветеринар. Од неговата матична партија велат дека станува збор за човек кој целиот свој досегашен работен стаж несебично им го посветил на луѓето од својот роден крај.
СДСМ: „Чесен и вреден човек, кој секојдневно е меѓу граѓаните, во секое село и во секој дом во Општина Брвеница. Како актуелен советник и носител на советничката листа на СДСМ, одблиску ги познава проблемите и потребите на граѓаните. Подготвен е со конкретни решенија за промени на подобро, за сите граѓани на Општина Брвеница“, велат од СДСМ.
Иако се владини коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ на изборите ќе настапат со свои кандидати.
Премиерот Христијан Мицкоски го оцени кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, како апсолутен фаворит за победа . Радичевски е претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница и магистер по граѓанско право.
Кандидатот на ВРЕДИ, Јакуп Хусеини, е магистер по правни науки и работи како државен службеник во Општина Брвеница. Аркин Јахији од ДУИ, пак, е државен советник за бесплатна правна помош во Министерството за правда.
Инаку, според последниот попис на населението од 2021 година, Општина Брвеница има 13.645 жители, од кои 54 отсто се Албанци, а 45 отсто Македонци, додека на последните избори според податоците на државната изборна комисија гласале 7037 гласачи, а мандатот Илиевски го доби со само 46% од гласачкиот електорат....

