ВОНРЕДНА СОСТОЈБА И ЕВАКУАЦИЈА ВО ДЕЛОВИ ОД ХРВАТСКА И БИХ
Foto

ВОНРЕДНА СОСТОЈБА И ЕВАКУАЦИЈА ВО ДЕЛОВИ ОД ХРВАТСКА И БИХ

По големото невреме што го зафати Балканот, во Хрватска и во Босна и Херцеговина се излејаа голем број реки. Во поедини делови, поплавите уриваат мостови и оставаат вистински пустош. Во Хрватска се излејаа реките Уна и Корана. Особено тешка е состојбата во Карловац и во општината Раковица. Едно село е целосно под вода, а пожарникари морале да спасуваат и туристи од туристичкота населба. Властите во Хрватска прогласија вонредна состојба во најпогодените општини, а мобилизирани се сите екипи на цивилната заштита за помош на населението.

- „Во населените места по течението на Уна, состојбата е исклучително тешка. Водата не е за пиење, доаѓаат цистерни, а поради високиот водостој на реката, во голем дел од градот Костањица, нема струја. Корана се излеа во Карловац и таму ситуацијата е исклучително лоша.“ - изјави Зоран Чавловиќ – Центар за одбрана од поплави.

Поројните дождови во Босна предизвикаа поплави на северот и во средишниот дел на земјата. Поедини населби се целосно отсечени, а граѓаните пријавуваат проблеми со снабдувањето со вода и струја. Локалните власти во Добој наредија евакуација на населението, во Бања Лука од синоќа е прогласена вонредна состојба.

- „Во Бања Лука и натаму останува на сила вонредната состојба. Состојбата денеска е подобра, за разлика од синоќа, но поради најавените врнежи и водостојот на реките, не ја укинуваме вонредната состојба. Во реонот на Бања Лука, во 21 месна заедница е пријавена голема материјална штета.“ - изјави Игор Радојичиќ – градоначалник на Бања Лука.

Поплавите во Босна, активираа голем број свлечишта. Во општината Нови Травник, загорозени се десетици куќи, во кои веќе е навлезена вода. Властите оценуваат дека проблемот со лизгање на земјиштето, ја прави ситуацијата уште потешка, поради што приоритет им е да го евакуираат населението.

- „Свлечишта се активирани во населбите Мароси и Риека, во општината Витез. Во Печај има две нови свлечишта, во Опар едно, а во селото Орашац постои опасност од уривање на мостот. Екипите на цивилната заштита се постојано на терен.“ - изјави Зенада Чаушевиќ – шефица на Оперативниот центар.

Министерството за одбрана се огласи со соопштение во кое наведува дека вооружените сили се последната инстанца за давање помош, нагласувајќи дека сите расположиви ресурси се ставени во состојба на готовност.

0 Коментари

Остави коментари