Војната на Блискиот Исток се разгорува

Американските и израелските сили продолжија со нападите врз Иран, додека американскиот Сенат го отфрли предлогот што би го ограничил овластувањето на претседателот Доналд Трамп да продолжи со воените дејствија против блискоисточната земја без одобрение од Конгресот. Трамп изјави дека секој ирански функционер кој се обидува да заземе лидерски позиции за да ги замени паднатите ирански лидери „завршува мртов“ и вети дека САД и Израел ќе „продолжат понатаму“ во заедничка воена кампања против земјата.

Доналд Трамп – претседател на САД

„Се справуваме многу добро на воениот фронт, ако некој ме праша на скала до 10, би оценил со 15. И ќе продолжиме да се справуваме. Имаме убедливо најголема војска во светот. Тие беа огромна закана за нас, 47 години убиваат луѓе од целиот свет. Имаме голема поддршка и ако тоа не го сторевме ние први, тие ќе го стореа“. 

Испраќањето трупи на терен засега не е дел од планот, иако опцијата останува на маса-потврдија од Белата куќа. 

Каролин Левит – портпаролка на Белата куќа

„Испраќањето трупи не е дел од сегашниот план, но нема да отфрлам опција за претседателот што е на маса“.

Нови експлозии го потресуваат Техеран, а САД и Израел ги интензивираат нападите. Напоредно Тел Авив продолжи со гранатирања врз цели на Хезболах во Либан. 

Тонско Ефи Дефрин – портпарол на израелската војска

„Уништивме приближно 300 ирански одбранбени системи и балистички ракети. Таргетиравме локации на иранската нуклеарна инфраструктура, терористичка мрежа за производство на стратешко оружје, како и воен комплекс од кој оперативците на режимот ја водеа кампањата против Израел и промовираа терористичка агенда низ целиот свет“.

Од Хезболах возвратија на нападите.

Наим Касем – генерален секретар на Хезболах

„Ќе продолжиме да ги соборуваме целите на израелско-американскиот непријател, и да останеме непоколебливи во нашата позиција отфрлајќи ги проектите на непријателот“.

Иран се закани со напади на нуклеарни комплекси доколку Израел и САД се обидат да го сменат режимот. Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи изјави дека САД ќе зажалат поради потопување на ирански воен брод со 130 морнари во близина на брегот на Шри Ланка. 

Тонско Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран

„Запомнете ги моите зборови: САД горко ќе зажалат поради овој потег“. 

ОН се надеваат дека конфликтот ќе заврши брзо, додека земјите продолжуваат со евакуација на заглавени граѓани од погодените подрачја. Растат и тензии меѓу Европа и САД по заканата на Трамп за прекин на трговијата со Шпанија, откако Мадрид одби воена соработка во услови на ескалација со Иран.