Водици: Во Охрид се очекува масовна посетеност, апел да се почитуваат ковид мерките
После ланската пауза поради ковид пандемијата, утре во Охрид ќе се чествува големиот празник Богојавление Водици.
Утрешното празнување најпрвин започнува со богослужбите во охридските парохиски цркви во 7 часот наутро, а литиите од црквите ќе се сретнат на плоштадот. На пристаништето во 10 часот дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј ќе го положи Светиот крст во езерските води.
Од црквата потсетуваат на значењето на големиот празник, но апелираат верниците да ги почитуваат пандемиските мерки, да носат маски и држат растојание во храмовите и на самото пристаниште.
Од Црвениот крст чии екипи ќе се грижат за безбедноста на капачите апелираат на особена претпазливост од верниците поради ниската температура на езерската вода и студеното време. Најважното да не се конзумира алкохол пред влегување во водата.