Водици во Охрид без масовно скокање по крстот
Foto

Водици во Охрид без масовно скокање по крстот

Иако оваа година изостана фрлањето на крстот во водите на Охридското езеро и масовното капење, среќниот фаќач на крст на црковната церемонија која се одржа во црквата „Св. Никола Ѓеракомија“ е Никола Чорбески. Тој прв го извади крстот од осветената вода во црковниот казан. Заедно со него младите од Варош светата вода и Светиот крст потоа ги положија во езерото кај месноста „Сараиште“, а се искапија и во ладните езерски води. Велат иако на поинаков начин и денеска според протоколите успеаја да ја испочитуваат традицијата.

„Оваа година мене ми беше среќата, секоја година се капиме. Годинава на поинаков начин, но среќата била за мене. Господ здравје на сите и за многу години“ - вели Никола Чорбески  од Охрид. 

„Оваа година беше поинаку, начинот не ни се допаѓаше бидејќи се прекина една голема традиција. Крстот е свет Господ здравје на сите“ - вели охриѓанец. 

„Сите протоколи беа од наша страна запазени, овој празник си го одбележавме во најдобар можен начин. Се надевам дека од в година ќе се вратиме на старата традиција“, вели  друг охриѓанец.

На црковната богослужба присустваа помал број на верници. Дел од нив влегоа и во осветените води на езерото.

За време на чинот забележливо беше присуството на голем број полициски службеници. 

Полицијата ја контролираше ситуацијата и во црковните храмови и на Сараиште. Службениците овозможуваа растојание меѓу верниците и опоменуваа на задолжително носење на заштитни маски.

Церемонијата за Богојавление - Водици во Охрид до лани беше масовно посетена и од домашни и странски гости, а во истата учествуваа и преку 800-ина капачи. Оваа година поради пандемијата и Општината и црквата ја откажаа традиционалната организација на градското пристаниште.

0 Коментари

Остави коментари