„Водици“ обоен со политички пораки на дел од верниците
Празничната манифестација за Водици во Скопје за кратко се претвори во политичка, кога при излегувањето од Вардар, дел од верниците кои влегоа во реката по крстот почнаа да извикуваат „Никогаш Северна, само Македонија“.
Шеталиштето покрај кејот беше полно, без целосно почитување на мерките за заштита од коронавирусот. Иако имаше дел од верниците кои носеа маски, повеќето од нив беа еден до друг, без заштитна опрема од вирусот.
Оваа година, Македонската православна црква не објави јавен повик – Испрати покани до триесет верници кои и претходните години учествувале на манифестацијата, а за кои сметале дека се физички подготвени. Тие пак, се одлучија и на поинаков гест, крстот да го посветат на сите кои учествуваа, а не само на Игор Јакимовски, кој го фати крстот.
„Оваа година одлучивме сите заедно да покажеме една сплотеност, една љубов како се сака христијанството и верата и како овој празник во овие тешки времиња треба да се одбележи. Оваа година, се фативме сите за рака, зошто на овој ден се соединува телото со бога, така да ние направивме еден гест. Крстот ќе биде во сите нас. Се откажуваме од сите материјални награди, крстот ќе биде во сите верници и крстот ќе го вратиме во црква.“ - изјави Даниел Дончевски.
Манифестацијата за празникот Водици од мостот Слобода еден до друг ја следеа премиерот Димитар Ковачевски, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кои заеднички му честитаа на Јакимовски за фаќањето на крстот.