Вода во Гостивар само за хигиена, за пиење се уште нема
По десетдневната забрана, од денеска водата може да се користи за одржување на личната хигиена и хигиената во домовите, но сè уште не смее да се користи за пиење и подготовка на храна.
Техничката вода што од денеска тече од чешмите во Гостивар е без присуство на колиформни бактерии. Надлежните смируваат дека постојано се прават нови анализи и ситуацијата се следи. За тоа кога водата ќе биде безбедна за пиење засега немаат информација.
Техничката вода речиси воопшто не ја смени сликата во Гостивар. На пунктовите за вода и денеска имаше редици од луѓе кои чекаа да земат флаширана вода. Дел од нив се скептични и велат дека и понатаму нема да ја користат водата, бидејќи се исплашени.
Од Министерството за здравство информираа дека во текот на вчерашниот ден биле прегледани 127 лица со симптоми на ентероколит, кои за првпат побарале лекарска помош.
Се додека водата од градскиот водовод не биде безбедна за пиење, за гостиварци останува едно решение – флашираната вода.

