Во вторник Советот на јавни обвинители ќе одлучува за нов државен јавен обвинител
Доколку на позицијата државен јавен обвинител биде назначена обвинителката Лидија Раичевиќ ќе направи надзор над затворената постапка за „Бонусите на СЈО“ посочи кандидатката Лидија Раичевиќ во 24 Анализа.
Според Раичевиќ приказната со СЈО еднаш за засекогаш треба да се разреши. Од СЈО не испорачале и не ги оправдале очекувањата. Раичевиќ порача доколку има докази во самиот предмет треба да стигне до судска завршница.
ЛИДИЈА РАИЧЕВИЌ-ОБВИНИТЕЛКА
„Старешините на ОЈО ГОКК се должни ова решение јавно да го образложат. Да кажат од кои причини кривичното дело не е дело кое се гони по службена должност, да кажат какви дејствија се преземени и хронолошки да ги објаснат сите детали. Препорачувам новиот државен обвинител веднаш да го изнесе решението и да го објави.“
Според обвинителката Ленче Ристоска постоело законски основ за бонусите и според неа нема ништо спорно. Во врска со изјавите на поранешната обвинителка и адвокатка Лејла Кадриу за работењето на СЈО и обвинувањата упатени кон обвинителката Ленче Ристоска-обвинителката денеска изјави дека лесно се докажува колку пари биле потрошени во 2015 година. За обвинувањата кон неа вели дека е борец против криминалот и корупцијата.
ЛЕНЧЕ РИСТОСКА-ОБВИНИТЕЛКА
„Во делот на нападите на колешката Кадриу беа изнесени и лични навреди кон мене. Јас само сакам да кажам дека јас не изигрувам жртва, јас сум борец против криминал и корупција и за мене е сосем логично како одреден профил на лица се чувствуваат засегнати од мојата детерминираност од мојата борба.“
По реакциите на дел од јавните обвинители во врска со наводите на адвокатката и поранешна јавна обвинителка Лејла Кадриу кои меѓудругото побараа јавно извинување од неа, во спротивно најавуваат тужбин - денеска на социјалните мрежи Кадриу кусо им одговори.
Лејла Кадриу-адвокатка, поранешна обвинителка
„Не гледам основ за извинување кога сум изнела факти хронолошки и професионално, но ако за нив вистина е навреда тоа е веќе нивен проблем, не мој.“
Постапката за нов државен јавен обвинител е во тек. Во вторник Советот на ЈО на седница ќе даде мислење на Владата по предлог за именување на државен јавен обвинител. Откако ќе се извести Владата и оттаму ќе предложат еден кандидат до Собранието, на потег е законодавниот дом а за избор е потребно најмалку 61 пратенички глас.
Во трката за републичкото обвинителство се бори в.д. државната јавна обвинителка Анита Тополова Исајловска, обвинителките Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ, поранешниот претседател на Кривичен суд, Владимир Панчевски и судијата Ненад Савевски од скопскиот Кривичен суд.

