Во Виница по првпат се одржува „Марш на ангелите“: Условна казна не е правда за 63 изгубени животи
Одговорност од институциите кои со години дозволувале во објектот на таканаречената кочанска дискотеа Пулс да се вградуваат несоодветни и опасни материјали, меѓу кои и полиуретански сунѓери кои при пожар испуштаат цијанид, побараа родителите на загинатите во трагедијата во Кочани. Велат дека обдукциските наоди покажале оти голем дел од жртвите починале токму од последиците од вдишување на токсичните гасови. Со вакви пораки попладнево во Виница за првпат се одржа „Маршот за ангелите“, на кој семејствата и граѓаните побараа правда и целосно расчистување на случајот.
Учесниците со фотографии, свеќи и транспаренти се движеа низ централното градско подрачје, испраќајќи порака дека трагедијата не смее да биде заборавена. Од семејствата порачаа дека нема да се помират со, како што велат, симболични казни и дека ќе продолжат да бараат одговорност за сите институционални пропусти кои довеле до трагедијата.
Пред десеттона дена беа изречени првите условни казни за тројца полициски службеници, што предизвика револт во јавноста.
Во Виница попладнево за првпат се одржа „Маршот за ангелите“, откако во трагедијата во Кочани животот го загубија и две лица од Виница и околината. Градот, кој е оддалечен само десетина километри од Кочани, со марш и молк испрати порака дека болката и барањето за правда не познаваат граници.
Судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е во тек, а им се суди на 34 физички лица и три правни субјекти, додека вкупно се водат четири одделни постапки со 58 обвинети. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

