Во Велес завршија 61-те Рацинови средби

Со доделување на признанијата, синоќа во Велес заврши 61-то издание на меѓународната поетска манифестација Рацинови средби. Годинешен лауреат е македонската писателка Фросина Пармаковска, која наградата ја доби за својот роман „Сè уште можам нешто да сторам“.

Според комисијата која ценеше четириесеттина аплицирани книги, романот на Пармаковска го оцени како најдобар, напишан помеѓу две манифестации. Тоа е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење. Младата авторка е возбудена што ја добива наградата, која го носи името на Рацин, чие дело е едно од првите во домашната билбиотека на нејзиното семејство.

Традиционалното Почесно Рациново признание за луѓе кои го афирмираат македoнскиот јазик и литература во светот, годинава го доби унгарката Анамарија Цинеге Панзова. Таа, заедно со својот сопруг Македонец, со кој живее во Унгарија, во своето 20 годишно творештво, превела од македонски на унгарски неколку романи и научни трудови од значајни македонски автори. Признанието ја изненадило и почестило, иако вели дека пред тоа, за Рацин и неговото творештво не знаела многу.

Во текот на петте дена колку што траеше манифестацијата се одржаа неколку промоции на книги и трибини, а се одржа и традиционалниот Симпозиум на Институтот за македонски јазик. Рациновите средби завршија со меѓународен поетски митинг, на кој, освен домашни, учествуваа и поети од Италија, Србија и Бугарија.