Во Велес заврши вториот Меѓународен фестивал на сатирата „Џинот“
Првата награда на вториот Меѓународен фестивал на сатирата „Џинот“ во Велес по распишаниот меѓународен конкурс на тема „Среќа“ во силна конкуренција на сатиричари-афористичари од Македонија, Србија, Босна и Хецеговина, Хрватска и Бугарија, жири-комисијата од три члена на која претседател е афористичарот Атанас Крлевски одлучи да и ја додели на Љупка Цветанова од Штип, втората на Дражен Јерговиќ од Загреб Хрватска, а третата на Елеонора Николовска од Скопје.
Меѓународниот фестивал на сатирата „Џинот“ по вторпат во изминатите два дена, во чест на Јордан Хаџи Константинов-Џинот првиот македонски сатиричар, во неговиот роден Велес го организира Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ со поддршка од Општина Велес.
Специјална награда за етно афоризам му беше доделена на Ацо Ѓорѓиев од Струмица. Награда за најдобар афоризам му беше доделена на Екрем Мациќ од Коњиц –Босна и Херцеговина. Инаку гостин на фестивалот беше и младиот афористичар Марко Пајиќ од Србија кој беше претставен со неговото творештво. Тој пред публиката читаше и свои афоризми, а организаторот му врачи и благодарница.

